Костоперска карпа е импозантна базалтна карпа од вулканско потекло во околината на с.Младо Нагоричане, Кумановско. Сместена на самата висорамнина на карпата , на 9 км источно од Куманово. Во минатот тука постоеле околу 40 цркви, од кои денес се останати неколку. Поради тоа месноста била нарекувана Мала Света Гора.
На локалитетот постоела населба уште од бакарното време (енеолит,4-3 милениум пр.н.е. се развива населба на јужната падина на локалитетот која била напуштена во 3 век пр.н.е., за да повторно заживее во римскиот период.
Археолошки локалитет
На самата карпа се наоѓа истоимениот археолошки локалитет. Според археолошките истражувања, тука имало енеолитска населба која дала богат археолошки материјал, особено керамика која изобилува со прекрасни садови (особено ефектни се оние во графитна техника и со геометриски мотиви), како и ситна пластика, орудија и слично. Во раноантичкиот период (V-VI) век п.н.е. се развива населба на јужната падина на локалитетот која била напуштена во III век п.н.е., за да повторно заживее во римскиот период. Како доказ се откриените римски гробови, а и малку подоцнежната ранохристијанската базилика на врвот на платото, веројатно од V век од н.е. Интересен е и подземниот објект во јужното подножје идентификуван како цистерна составен од две простории и пристапен ходник. Од некогашните средновековни цркви во близина на карпата, (околу четириесетина) денес постојат Св. Врачи, Св. Никола (во темели) и како особено важни за науката, црквите Св. Ѓорѓи Победоносец и Св. Петка од поствизантискиот период (XVII-XVIII век).
Археолошко наоѓалиште на повеќеслојна населба. Се наоѓа на 9 км североисточно од Куманово, од левата страна на патот Куманово-Крива Паланка. Во археолошката литература е познат уште и како Св. Петка. Претставува висок рид од базалтна карпа со необичен облик што доминира над околниот терен. Во 1983 година со мали заштитни ископувања се откриени и истражени 6 гробни целости од првата половина на IV век пред нашата ера. Врз основа на овие податоци, а со цел да се приберат покомплетни стратиграфски податоци во 1987 година се вршени нови ископувања. Резултатите од севкупните работи покажале дека се работи за голема населба со широк хронолошки и културен континуитет. Најдолго населување е присутно на највисокиот дел на карпата – акрополот, односно платото кое на извесен начин било природно заштитено. Културните слоеви достигнуваат дебелина од преку 2 м. Најстарите остатоци потекнуваат од енеолитското време. Најмногурбојни се фрагментите од керамички садови, квалитетно изработени, а има и алатки од камен и коска. На јужниот крај на терасата се откриени делови од садови со фактура и орнаментика карактеристични за железното време II. Сондирањата и деталната опсервација покажале дека на акрополот има керамички остатоци од IV-III век пред н.е. кои по орнаментиката и формите претставуваат копии на хеленистичката керамика. Најмногубројни се остатоците од доцноантичкото време (IV-VI век). Заедно со фрагментите од садови и градежна керамика во централниот простор се откриени и остатоци на темели од објект со апсида (можеби базилика) како и остатоци од бедем. Околу овој објект се истражени 7 средновековни гроба. Културната хронологија на Костоперска Карпа завршува со времето на турското владеење, претставено преку фрагменти од жолто и зелено глеѓосани керамички садови. Керамички наоди од хеленистичкото, а особено од доцноантичкото време се констатирани и на терасите во подножјето на карпата на простор од околу 9 хектара. Посебно археолошко откритие претставува подземниот објект издлабен во јужниот дел на карпата. Се работи за објект со архитектонски ансамбл од една главна просторија со испусти што потсетуваат на клупи, неколку ходници, два резервоара, обезбеден со вертикални отвори за проветрување кој според големиот број керамички наоди е датиран во V-VI век. На 1 км западно од локалитетот е откриена некропола од која се истражени повеќе гробови и според наодите датирана меѓу IV и VI век.
Св. Петка –црква, Мл. Нагоричане
Св.Петка е еднокарабна градба со наос на североисточна страна, одвоен нартекс на западната страна и параклис на јужната страна. Црквата била живописана во 1628 година, веројатно непосредно по изградбата. Градена е од покрупен и поситен камен. Покриена е со двосливен покрив од ќерамиди. Во 2003 година е извршена конзервација на живописот и архитектурата.
Карактеристично е што оваа црква нема апсида на источната страна, единствен пример во Жеглигово. Живописот е мошне оштетен. Сочувани се фрагменти од циклусот на Св.Петка на јужниот ѕид на нартексот, во
втората зона, над двете слепи архиволти, а низа од попрсја на маченици во цветни чашки се насликани во двете волути на архиволтите. Во олтарот, во централната апсидална конха, на врвот е преставен ликот на Богородица Оранта. Овие фрески се многу избледени. Во проскомидијалната конха е насликан светител во цел раст, избледен, архиѓакон Стефан. Црквата е типичен преставник на црквите од поствизантиски период.
Црква ,, Св. Ѓорѓи Победоносец”
Свети Ѓорѓи — црква во селото Младо Нагоричане, сместена на неколку стотина метри североисточно од Костоперска Карпа. Црквата претставува споменик на културата од 16 век.
Историја
Не е познато кога точно црквата била изградена. Според едно гледиште, таа била изградена најрано во 11 век; според друго, на почетокот на 15 век, поточно во 1407/8 година, за време на владеењето на деспотот Стефан Лазаревиќ; а според трето, црквата била изградена во 16 или 17 век. Сепак, таа е прогласена за споменик на културата од 16 век, така што третото гледиште се смета за најверојатно. Таа била изградена како една од повеќето сакрални градби во кругот на голема монашка заедница. Во февруари 2017 година е завршен долгогодишен проект за санација на црквата.
Архитектура
Црквата е изградена во поствизантиски стил, при што се мешаат елементи од ерменско и турско влијание. Градбата на црквата е трикорабна базилика и претставува крсто-куполен храм. Таа е изградена од разнобојно обработени камени блокови од светла до темна окер и жолтеникава боја, долги до 1 метар, а во изработка на прозорците и украсите во горните делови е употребена црвеникава тула. Нејзината фасада е украсена со керамичко-пластични елементи. Главниот влез е сместен на западната страна, но повеќе функционира влезот од јужната страна. На западната страна се наоѓа широк варосан нартекс, издвоен од наосот, кој никогаш не бил живописан. Фасадата на западната страна е украсена со шпросна и по една монофора од двете страни, спуштени на подолното ниво. Шпросната е сместена во украсни лаци од црно-бели квадрати и слепи арки на конзоли, кои ја осликуваат сводната структура во внатрешноста изведена во наизменични движења на светли и темни блокови. Сличен украсен лак со бифора се среќава и на јужната страна. Овие елементи се карактеристични за исламската архитектура. Останатите страни од градбата содржат многубројни мали прозорци. На источната страна се наоѓа тристрана апсида, која во внатрешноста е полукружна. Над апсидата се наоѓа камена розета.Куполата на црквата, односно калотата, е со квадратна основа и е ниска. Градбата во целост е покриена соќерамиди.
Внатрешноста на црквата е фрескоживописана по примерот на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Старо Нагоричане. Живописот на сводот е понов и бил насликан во 19 век. Во куполата е живописан Христос Вседржителот.Иконостасот е изработен во 1892 година. Тој е богат и доста висок. Во дворот на црквата се наоѓа камбанаријата, како и чешма и гробишта. Камбанаријата е сместена непосредно од десната страна на црквата. Таа е со квадратна основа и има примитивен облик, при што конструкцијата ја сочинуваат четири бетонски столба покриени со лимен пирамидален кров.