КултурноИсториски споменици

Споменик Зебарњак

Во атарот на селото Младо Нагоричане се наоѓа споменикот Зебрњак подигнат во чест на жртвите од Првата балканска војна, загинати на ова место во познатата Кумановска битка 1912 година. Изграден е во 1937 година од сив базалтен камен. Над кружната костурница висока 18,5м се издигала тристрана пирамидална кула висока 30м. која денеска недостасува. Била разурната за време на бугарската окупација, во 1942 година. По својата архитектура овој споменик бил единствен на Балканот, дело на белградскиот архитект Момир П. Коруновиќ (1883-1969), а градежните работи ги извршил Михајло Аранѓеловиќ, претприемач од Црна Трава. Во Кумановската битка

загинале 723, ранети биле 3.441 и исчезнати 603 војници на српската армија.

Црква Св.Ѓорѓи

Црквата Св.Ѓорѓи во Старо Нагоричане зазема едно од најзначајните и највисоките места во историјата на средновековната византиска уметност во Македонија. Од првобитната црква на Роман IV Диоген (1068-1071) од IX век се сочувани само ѕидовите на фасадите од тесани камени блокови, до сводовите и еден сосема мал фрагмент од некогашниот фреско-живопис, на северниот ѕид во наосот, како сведоштво за богатото украсување на старата црква. Денешната црква ја обновил српскиот крал Стефан II (1282-1321) во 1313 година, што се гледа од камениот натпис над задниот влез. По својата архитектура црквата преставува монументална, трокорабна, петкуполна базилика. Куполите и сводните површини се украсени со богата керамопластична декорација. Храмот претставува вистинска

богата и неповторлива галерија на фрески, ремек-дело на византискиот класицизам од XIV век од палеологовската епоха и воопшто во историјата на средовековната уметност во Македонија, на Балканот и пошироко.

Забел Манастир

Манастирската црква Св.Богородица се наоѓа на тромеѓата на селата Старо Нагоричане, Челопек и Никуљане, позната како манастир Забел, според шумата во која се наоѓа, а припаѓа во атарот на селото Никуљане. Претставува монументална, токорабна висока градба со една централна осмострана купола и петострана апсида на исток. Изградена е во 1856 година, која е запишана на тамбурот на куполата, од убаво обработени жолти камени блокови. Покриена е со двосливен покрив од ќерамиди. Фасадите се оживеани со отвори во вид на четирилисни транзети во лунети и по една кружна розета на западната и источната фасада. Црквата нама живопис. Има висок репрезентативен иконостас со Голем крст на врвот. Иконоте ги работеле Дичо зограф и Зафир Василевиќ од Дебар во 1857 година. Таа е типичен претставник на преродбенскиот период од XIX век.

Манастир Карпино

Еден од најстарите сочувани црковни објекти од овој период е манастирската црква “Воведение на Св.Богородица” во с.Сув Орах или попозната како Манастир “Карпино”. По својата архитектонска диспозиција делува како триконхос заради трите конхални апсиди на источната, северната и јужната страна во олтарскиот дел, кои однадвор се правоаголни. Црквата датира од 1592 година од кога е и првобитниот живопис, а вториот слој на живописот е од XIX век, кога црквата е и поправана. Стариот живопис е покриен одозгора со новиот од 1893 година.Карпинскиот манастир претставувал важен културен и книжевен центар со богата библиотека, чии ракописи подоцна се однесени во други значајни центри: Белград, Софија, Москва и др.

АСНОМ Пелинце

Меморијален Центар

Новиот Меморијален музеј е изработен според проектот на дипл.инж.архитект Ѓорѓи Константинов, а монументалниот мозаик на фасадата е дело на нашите современи уметници Рубенс Корубин и Илија Пенушлиски. Поставката е направена амбиетално и автентично, како во времето кога се одржало Првото заседание на АСНОМ, на 2 август 1944 година во манасторот Прохор Пчињски. Едни од поважните документи на Заседанието се: Решенијата со кои Македонија се конституира како рамноправна федерална единица на Демократска Федеративна Југославија, воведувањето на македонскиот јазик како службен јазик на македонската држава итн. Со првото заседание на АСНОМ се одбележува почетокот на постоењето на сегашната Република Македонија како слободна држава во федерација со југословенските народи, а од 1991 година како самостојна држава. Меморијалниот музеј во Пелинце беше отворен на 2 август 2004 година по повод 60-годишнината од неговото одржување.

Светиот дабКокино

Меѓу локалното население постои верување дека ова е свето место и го користат за собори и меѓусебни средби. Верувањето уште вели дека не треба да се кинат гранки и листови од овие дрва. Во поново време се повеќе туристи доаѓаат да медитираат и да вежбаат јога. Според нивните искуства ова место е со силно енергетско поле и набиено со позитивна енергија. На самото место селаните имаат поставено импровизирана маса и клупи за одмор.

Испосница Св.Прохор Пчињски

ИСПОСНИЧКА ПЕШТЕРА НА СВЕТИОТ ПРОРОК

Испосницата во Старо Нагоричане се наоѓа во непосредна близина на црквата Св.Ѓорѓи, во централниот дел на селото. Изградбата на првобитната црква Св.Ѓорѓи од XI век е поврзана со легендата за пустиножителот Прохор Пчињски, кој живеел во оваа мала пештера. Имено, во жеглиговската област, поточно во близина на селото Старо Нагоричане, византискиот војсководец Роман IV Диоген со својата војска престојувал во овој крај и бил успешен бранител од нападите на Печензите. Ловејќи ранета срна, упаднал во пештерата, во која се подвижувал испосникот Прохор Пчињски при што Прохор го прекорил за стореното дело и му рекол да не ја убива срната. При тоа му претскажал дека во иднина ќе стане византиски цар. Роман IV Диоген го послушал испосникот, не ја убил срната, заминал за Константинопол и за кратко време станал византиски цар (1068-1071). Во знак на благодарност кон видовитиот пустиножител, Роман IV подигнал прекрасна трокорабна базилика во непосредна близина на неговата испосница, првата фаза од денешната црква Св.Ѓорѓи.

Св. Петка црква, Мл. Нагоричане

Св.Петка е еднокарабна градба со наос на североисточна страна, одвоен нартекс на западната страна и параклис на јужната страна. Црквата била живописана во 1628 година, веројатно непосредно по изградбата. Градена е од покрупен и поситен камен. Покриена е со двосливен покрив од ќерамиди. Во 2003 година е извршена конзервација на живописот и архитектурата. Карактеристично е што оваа црква нема апсида на источната страна, единствен пример во Жеглигово. Живописот е мошне оштетен. Сочувани се фрагменти од циклусот на Св.Петка на јужниот ѕид на нартексот, во втората зона, над двете слепи архиволти, а низа од попрсја на маченици во цветни чашки се насликани во двете волути на архиволтите. Во олтарот, во централната апсидална конха, на врвот е преставен ликот на Богородица Оранта. Овие фрески се многу избледени. Во проскомидијалната конха е насликан светител во цел раст, избледен, архиѓакон Стефан. Црквата е типичен преставник на црквите од поствизантиски период.

Бања Стрновац

Геотермална Бања

Се наоѓа во село Стрновац и оддалечена е 2.800 метри од центарот на општината Старо Нагоричане. До неа се доаѓа по асфалтен пат, а последните 500 метри се неасфалтирани. На оваа место термоминералните води се појавија со самоизлевање. Некои граѓани ископаа примитивен базен и започнаа во него да се капат. Сега,оваа бања е многу посетена од луѓе од Скопје, Куманово и Кривопаланачки и кратовски села. Овој локалитет му припаѓа на Пчињскиот тектонски ров со терцијарни варовници кои се секундарен колектор за термоминерални води со температура од 39-40 степени целзиусови.Изворите на термоминерална вода се до самата река Пчиња, опкружени со зеленило од врби, тополи и четинарски растенија.

Кокино (локалитет)

Кокино мегалитска опсерваторија која се наоѓа во атарот на општината Старо Нагоричане на оддалеченост од околу 75 километри од Скопје односно 35 километри од Куманово. Таа е поставена на врвот „Татиќев камен“, а името го добила по блиското истоимено село. Мегалитската опсерваторија се наоѓа на неовулкански рид. Карпите се создадени со стврднувањето на лавата, која истекла од вулкански кратер. Времето и ерозијата направиле процепи и дел од тие процепи биле главните маркери низ кои се следеле циклусите на Сонцето и Месечината и се мерело времето. Според наодите на археолозите на локалитетот Кокино, всушност, немало живеалишта туку дека опсерваторијата воедно била и светилиште, а во процепите на карпите се ставале предмети наменети за нивните божества. На локалитетот има и еден вид престол, каде што, најверојатно, седеле старешините и водачите на племето. При откривањето на локалитетот пронајдени се бројни артефакти (керамички чинии, амфороидни садови, камени секири.